Европската комисија избра 46 нови стратешки проекти на критични суровини

Европската комисија денес објави дека со цел зајакнување на синџирите на снабдување и диверзификација на изворите на критични суровини, избрала 46 нови стратешки проекти во 16 земји-членки.

Овие проекти ќе придонесат за исполнување на целта поставена со Законот за критични суровини (CRMA) дека капацитетите на ЕУ покриваат најмалку десет проценти од годишната потрошувачка во однос на експлоатацијата, 40 проценти во однос на преработката и 25 проценти во однос на рециклирањето на стратешките суровини до 2030 година, објавува Бета.

Крајните цели се зголемување на конкурентноста, развој на поголема отпорност и намалување на зависноста од индивидуални добавувачи, соопшти Комисијата.

Новите стратешки проекти се во Белгија, Бугарија, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Италија, Литванија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Шпанија и Шведска, и беа избрани од 102 апликации по јавен повик завршен претходно оваа година.

Комисијата објави дека осум проекти се однесуваат на екстракција, 11 на преработка и 19 на рециклирање, додека осум се интегрирани проекти што комбинираат екстракција и преработка или преработка и рециклирање.

Избраните проекти се однесуваат на 15 од 17-те стратешки суровини регулирани со Законот, при што седум се за литиум, 12 за никел, десет за кобалт, пет за манган, четири за графит, два за магнезиум, три за волфрам и четири за ретки минерали.

Се очекува дека новите 46 проекти, покрај 47-те стратешки проекти во ЕУ и 13 во трети земји избрани минатата година, значително ќе придонесат за постигнување на целите на ЕУ поврзани со намалување на ризикот и диверзификација во областа на критичните суровини.

Потпретседателот на Комисијата за просперитет и индустрија, Стефан Сежурне, изјави дека со вториот бран стратешки проекти, Европа ги интензивира своите напори за враќање на суверенитетот над критичните суровини.

„Нашиот пристап е едноставен – намалување на зависноста, зголемување на производството во Европа. Имаме ресурси, проекти и средства, а сега го забрзуваме темпото“, рече Сежурне.

Комисијата најави и дека проектите избрани минатата година напредуваат кон оперативна фаза. Досега се завршени оцените на влијанието врз животната средина за 25 стратешки проекти, а 17 добиле градежни дозволи.