Европската комисија предложи царинска реформа, која вклучува царина за стоки со вредност помала од 150 евра

60

Европската комисија во средата предложи реформа на царинската унија на ЕУ, со која, меѓу другото, се предвидува и воведување царини за производите чија вредност е помала од 150 евра.

Со предложената реформа се укинува сегашниот праг врз основа на кој стоката со вредност помала од 150 евра е ослободена од царина, што беше нашироко експлоатирана од сторителите на измами. Од Комисијата наведуваат дека е многу вообичаена практика веднаш да се намалува вредноста на пакетите кои влегуваат во ЕУ за да се избегне плаќање царина.

Според новиот предлог, онлајн платформите ќе станат клучни играчи во обезбедувањето дека стоките што се продаваат онлајн во ЕУ ги исполнуваат сите царински обврски. Ова е значително поместување од сегашниот царински систем, кој ја става одговорноста на поединечните потрошувачи и превозници. Платформите ќе бидат одговорни за обезбедување на плаќање на царински давачки и ДДВ при купувањето, така што потрошувачите повеќе нема да бидат изложени на скриени такси или неочекувана документација при подигање на пакетот.

Комесарот за економија Паоло Џентилони изјави дека воведувањето царини за стоки вредни помалку од 150 евра не треба да доведе до зголемување на потрошувачките цени.

„Тоа не е нашата цел. Тарифите за мали пакувања ќе бидат многу мали. Очекуваме дека приходите на земјите-членки од е-трговија ќе достигнат една милијарда евра годишно, а тоа е само затоа што поголем број пакети ќе бидат минимално оданочени“, рече Џентилони.

Предлогот на Комисијата мора да биде одобрен од Советот на ЕУ и Европскиот парламент.