Европската комисија предложи закон за минимален данок за сите компании

80

Европската комисија предложи закон со кој ќе се овозможи имплементација на глобалниот договор за минималната стапка на корпоративниот данок во Европа, што го постигна Групата 20 најголеми светски економии (Г20).

Предлогот на Комисијата вклучува збир правила за тоа како да се пресмета глобално договорената ефективна даночна стапка од 15 отсто, за таа доследно да се применува во цела ЕУ, пренесува Ројтерс.

„Во октомври оваа година 137 земји го поддржаа историскиот мултилатерален договор за трансформација на глобалното корпоративно оданочување. Директивата што ја предлагаме ќе обезбеди новата минимална ефективна даночна стапка од 15 проценти за големите компании да се примени на начин што е целосно компатибилен со правото на ЕУ“, изјави на прес-конференција европскиот комесар за економија Паоло Џентилони.

Законот на ЕУ за минимален данок на добивка ќе се применува за сите компании, домашни и меѓународни, чии комбинирани приходи се 750 милиони евра годишно и повеќе, а работат во Унијата.

Со цел да се намали даночното оптоварување на деловните групации кои се занимаваат со дејности во реалната економија, компаниите ќе можат да го исклучат од даночните пресметки износот на приходот што е еднаков на вредноста од 5,0 отсто од материјалните средства и 5,0 отсто од вкупните плати, соопшти Комисијата.
Во преодниот период од 10 години, стапката на даночно ослободување ќе биде повисока,  8,0 отсто од вредноста на материјалните средства и 10 отсто од вредноста на платните списоци, постепено намалувајќи се секоја година.

За да стапи во сила предложениот закон потребна е согласност од сите земји-членки на ЕУ, а ќе треба да се консултира и Европскиот парламент.