Европската унија ја зајакна контролата врз извозот на вакцини

64

Европската унија  дополнително ги засили контролите врз извозот на вакцини против коронавирус, соопшти Европската комисија.

Според новите правила, Европската комисија може да ги запре испораките до земјите што увезуваат од ЕУ, но не извезуваат сопствено производство на вакцини. Европската комисија, исто така, пред да го одобри извозот на вакцини, ќе процени дали епидемиолошката состојба е подобра во таа земја или во блокот.

“ЕК ќе одлучува за секој случај поединечно. Ова не е забрана за извоз, туку е начин ЕУ да го добие својот еднаков дел на вакцините“, рече извршниот потпретседател на ЕК, Валдис Домбровскис.

Од февруари, извршната власт на ЕУ издаде 380 дозволи и го ускрати извозот во само еден случај, кога AstraZeneca сакаше да извезе 250.000 дози од вакцината во Австралија.

Вкупно, блокот одобри извоз на 43 милиони дози вакцини во 33 земји, претежно во Велика Британија (10,9 милиони дози), Канада (6,6 милиони дози) и Јапонија (5,4 милиони дози).

Фото: Pixabay