Европската унија подготвува план за енергетската криза

33

Европската комисија најави создавање итен план со цел да им помогне на земјите-членки на ЕУ да се справат без руски енергетски извори.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека станува збор за иницијатива која го продолжува планот на ЕУ за ослободување од зависноста од рускиот јаглен, гас и нафта и „оди рака под рака со забрзување на развојот на обновливите извори на енергија“.

„Подготвуваме итни планови за Европа. Цените на енергијата се високи и луѓето сосема со право очекуваат да преземеме нешто околу тоа“, рече Фон дер Лајен во чешкиот град Литомисл, каде што го означи почетокот на шестмесечното претседателство на Чешка со ЕУ.

Таа рече дека планот, кој треба да биде завршен до средината на јули, ќе се фокусира на две клучни точки: „каде и како да се заштеди енергија на паметен начин за да се намали потребата за руски гас и нафта и да се поддржат земјите кои најмногу зависат од руски енергетски компании“.

„Потребен ни е заеднички план кој ќе обезбеди енергијата или гасот да одат таму каде што е најпотребно“, рече Урсула фон дер Лајен.