Европски банки кријат 20 милијарди евра годишно во даночни раеви

52

Водечките европски банки годишно „заштедуваат“ околу 20 милијарди евра – што е еквивалентно на 14 проценти од нивниот вкупен профит – во даночни раеви, вклучувајќи ги Barclays, HSBC и NatWest Group, се вели во најновиот извештај EU Tax Observatory при Paris School of Economics.

Овие суми произлегуваат од анализата спроведена врз работењето на 36 големи европски банки од кои се бара јавно да ги откријат податоците за нивните деловни активности.

Банките за кои се вели дека уживаат особено ниска ефективна даночна стапка на нивниот профит, помалку од 15 проценти, вклучуваат Barclays, HSBC и NatWest Group (до минатата година позната како Royal Bank of Scotland), пренесе „Гардијан“. Ефективната даночна стапка се пресметува како сооднос помеѓу вкупниот платен данок и остварената добивка.

Портпаролот на HSBC рече дека банката „не користела стратегии за избегнување данок, вклучително и оние дизајнирани за вештачки пренасочувања на профитот во области со ниски даноци“.

Barclays посочи дека оваа банка е петта по големина даночен обврзник во Обединетото Кралство и дека платила данок во сите земји во кои работи. NatWest не одговори на прашањето од новинарите на „Гардијан“.

Некои држави и административни територии, како што се Панама, Бермуди, Британските Девствени Острови или Кајманските Острови, се уште поддржуваат даночна стапка од 0,0 проценти за големите меѓународни компании.