Европски град ќе наплаќа поскап паркинг за SUV модели

Градскиот совет на Париз воведе поскап паркинг за сопствениците на теренски возила со цел да се намали натрупаноста со големи, гломазни автомобили во главниот град на Франција.

При пресметувањето на новите давачки ќе се земат предвид големината, тежината и моторот на возилото, а британскиот Гардијан објави дека мерката била одобрена од париските советници минатиот месец. Партијата за животна средина (EELV) го предложи новиот закон, велејќи дека бројот на теренци во Париз е зголемен за околу 60 отсто во последните четири години и сочинува околу 15 отсто од вкупната флота на градот од околу 1,15 милиони приватни возила. Електричните возила и оние кои имаат поголеми семејства, за кои е потребно поголемо возило, најверојатно ќе бидат исклучени од овие нови правила за поскап паркинг кои треба да стапат на сила од 1 јануари 2024 година.

Да истакнеме и дека на почетокот на оваа година градот Лион воведе сличен нов закон кој ќе стапи на сила и следната година, во кој најави нова политика за паркирање според која таксите за паркирање на јавни површини постепено ќе се утврдуваат врз основа на големина, тежина и мотор на возилото. Најголем бенефит ќе имаат електричните возила кои ќе се квалификуваат за најниска такса за паркирање од 15 евра месечно, додека возилата со внатрешно согорување кои тежат повеќе од 1725 килограми ќе плаќаат и до три пати повеќе.