
Европскиот сектор за алуминиум бара од Европската комисија да воведе извозна давачка од околу 30 проценти на извозот на метален отпад во земји надвор од Европската Унија, со цел да се запре неговиот зголемен одлив, што предизвикува недостиг за домашните производители.
Извозот на стар алуминиум од ЕУ достигна рекордни 1,26 милиони тони минатата година, објави секторското здружение „Европски алуминиум“, што е за околу 50 проценти повеќе отколку пред пет години. Поголемиот дел од тој стар алуминиум од Европа завршува во Азија.
Оние во индустријата велат дека ситуацијата во меѓувреме се влошила поради неодамна воведените увозни давачки на американскиот претседател Доналд Трамп, од 50 проценти за алуминиум и алуминиумски производи, но само 15 проценти за метален отпад. Поради таквата мерка, американските производители го зголемија увозот и го намалија извозот, што потоа ги натера азиските купувачи повеќе да се свртат кон купување европски стар алуминиум.
Директорот на Европската асоцијација за алуминиум, Пол Вос, изјави дека е невозможно европските компании да се натпреваруваат со купувачи од Азија кои можат да платат подобра куповна цена, поради државните субвенции и пониските стандарди за заштита на животната средина и работниците. „Сосема е разбирливо што трговците со отпад претпочитаат да ја продаваат својата стока на најдобриот понудувач – но токму улогата на јавните политики е да ги корегираат таквите недостатоци на пазарот, со цел да се заштитат стратешките интереси на Европа“, рече тој.
Европскиот алуминиум и Еврофер – здружението што ги претставува европските производители на челик – веќе имаа состаноци со Европската комисија каде што побараа воведување данок за извоз. Комисијата вели дека започнале со следење на трендовите на извозот во јули и дека до крајот на септември оваа година ќе проценат дали е потребно да се воведат некои мерки.
Металниот отпад не е само важен ресурс за домашните производители, туку е и клучен дел од напорите на секторот за декарбонизација на производството, бидејќи процесот на топење и рециклирање на алуминиумски отпад троши 95 проценти помалку енергија во споредба со производството на нов алуминиум, кој се добива со преработка на бокситна руда.
Европските алуминиумски компании неодамна инвестираа 700 милиони евра во зголемување на капацитетот на печките за рециклирање на 12 милиони тони, според Европската асоцијација за алуминиум.
Бројни други земји надвор од Европската Унија веќе имаат воспоставено мерки за ограничување на извозот на метален отпад. Консултантската фирма GMK Center вели дека во моментов 48 земји – меѓу кои Индија и Кина – имаат ограничувања за извоз на отпад од железо.
Секторот за производство на челик, исто така, вели дека е важно да се чува старо железо во Европа, иако тој сектор во моментов има поитни проблеми, како што се новите европски мерки за ограничување на увозот на готов челик што Комисијата треба наскоро да ги објави.
Од друга страна, европските трговци со старо железо се против воведување на какви било ограничувања за извоз. Групата за индустријата за рециклирање EuRIC изјави дека извозот на отпад е резултат на слабата домашна побарувачка во Европа и недоволниот домашен капацитет за преработка на мешан отпад, на пример од смачкани возила.











