Европскиот парламент бара истрага за офшор компаниите на Мило Ѓукановиќ и неговиот син

20

Европратениците поднесоа 236 амандмани на нацрт-извештајот на тој парламент за Црна Гора, чиј автор е известувачот за Црна Гора, Тонино Пицула.

Со измените, чија содржина протече во јавноста, поконкретно се бара реформа на изборното законодавство, посилна борба против корупцијата и заштита на правата на националните малцинства. Еден од амандманите се однесува на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, пишуваат тамошните медиуми.

Црна Гора е една од најзагрозените земји кога станува збор за корупцијата во Европа денес, дури и претседателот Ѓукановиќ е обвинет дека е вмешан во неколку случаи на злоупотреба на највисоко државно ниво и дека Панамските документи откриле дека тој и неговиот син основале офшор компании во неколку даночни раеви“, се вели во текстот на амандманот поднесен од пратениците Тиери Маријани и Жан-Лин Лакапел.

Шефот на Делегацијата на Европскиот парламент за односи со Црна Гора, Владимир Билчик, ги повика црногорските власти да започнат темелна истрага за секое прекршување на законот откриено од аферата „Панамски папири“. Актери во таа афера се таткото и синот Мило и Блажо Ѓукановиќ.

На почетокот на октомври минатата година невладината организација МАНС објави дека Мило Ѓукановиќ и неговиот син во 2012 година потпишале тајни договори за управување со нивниот имот, криејќи се зад комплицирана мрежа на странски компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Од невладината организација изјавија дека објавувањето документи за склучување тајни договори, кои се однесуваат на управување со нивниот имот преку мрежа на офшор компании, е добар почеток за понатамошна финансиска истрага дали има скриен имот на еден од најмоќните политичари во Црна Гора.

Во првата реакција, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ потврди дека го основал „Викторија труст“, но дека немал деловни трансакции или отворени банкарски сметки и дека брзо ја префрлил сопственоста на компанијата на својот син бидејќи се вратил во премиерската функција во 2012 година.