Европскиот парламент одобри 14,2 милијарди евра помош на земјите кандидати за спроведување на реформите поврзани со ЕУ

57

Европскиот парламент даде “зелено светло“ за нова генерација претпристапен финансиски инструмент што ќе им помогне на земјите во процесот на европска интеграција подобро да се подготват за исполнување на обврските за идно членство во Европската унија.

Инструментот за претпристапна помош 2021-2027 година (ИПА3) е вреден 14,2 милијарди евра и ќе поддржи спроведување на реформи поврзани со ЕУ во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Турција и Косово.

“Целокупната цел на ИПА3 е да ги поддржи овие земји во усвојувањето и спроведувањето на политичките, институционалните, правните, административните, социјалните и економските реформи неопходни за усогласување со вредностите на Унијата и постепено усогласување со правилата, стандардите и политиките на ЕУ“, се вели во соопштението на ЕП.

Оттаму особено го нагласуваат фактот дека во рамките на ИПА3 ќе има клаузула за намалување или суспензија на помошта, доколку не се почитува владеењето на правото во земјите во процесот на европска интеграција.

Се додава дека Европскиот парламент ќе има зголемена контрола преку дефинирање на некои цели на инструментот и тематски приоритети.

“Со ИПА3 и неговиот историски буџет од повеќе од 14 милијарди евра, ЕУ ја потврдува својата континуирана посветеност на патот на овие земји кон европската интеграција. Програмирањето и управувањето со инструментот се подобрени за да се олесни распределбата на инвестициите во неопходните реформи и да се создадат можности за отворање работни места, подобрување на инфраструктурата и безбедност и стабилност во регионот“, рече Жељана Зовко, европратеник и ко-известувач од ИПА.

По одобрувањата од Советот на ЕУ и ЕП, регулативата на ЕУ за Инструментот за претпристапна помош ИПА3 ќе биде потпишана и ќе се применува ретроактивно од 1 јануари 2021 година.