Европскиот парламент одобри 8 милиони евра помош за екс-работниците на „Ван Хол“ во Белгија

Европскиот парламент со убедливо мнозинство, 598 гласа “за”, наспроти 48 “против” и пет “воздржани”, ја ратификуваше апликацијата на Белгија за пакет финансиска поддршка во висина од осум милиони евра преку Европскиот фонд за приспособување кон глобализацијата (ЕГФ) наменет за работниците кои останаа без работа, односно поранешните вработени во банкротираната белгиска автомобилска фирма “Ван Хол”.

Во одлуката на ЕП се потенцира дека европската автомобилска индустрија е изложена на досега невиден притисок кој произлегува од надворешни и внатрешни фактори, како што се нерамноправната конкуренција и високите трошоци за енергија.

Компанијата “Ван Хол”, чија дејност беше производство на автобуси, тролејбуси и приколки, објави стечај во април 2024 година, како резултат на сериозниот пад на продажбата предизвикан од пандемијата на Ковид-19, последиците од руската агресија врз Украина, зголемувањето на инфлацијата и прекините во синџирите на снабдување.

Како резултат на банкротството, околу 2,400 лица останаа без работа, при што една третина од нив се постари од 50 години, а поголем дел располагаат со застарени квалификации.

Белгискиот пакет за поддршка на невработените лица вклучува насоки, помош при активно барање работа и програми за усовршување на нови професионални и дигитални компетенции. Неговата вкупна вредност изнесува 9,4 милиони евра, од кои осум милиони се обезбедени преку ЕГФ, додека останатите 1,4 милиони евра се придонес на Фламанската служба за вработување и професионална обука (ВДАБ).

Целта на ЕГФ е да пружи асистенција и поддршка на поединци кои ги загубиле своите позиции заради реорганизации поврзани со процесите на декарбонизација и автоматизација, или заради непредвидени големи случувања, како што беа пандемијата со Ковид-19 или руската инвазија врз Украина.

Земјите членки имаат можност да аплицираат за финансиска помош од ЕУ преку ЕГФ кога најмалку 200 вработени ќе бидат отпуштени од една компанија во краток временски период.

Апликациите ги разгледува Европската комисија и, во случај да оцени дека ги исполнуваат критериумите за доделување на финансиска помош преку ЕГФ, ги доставува до Европскиот парламент и Советот на ЕУ за одобрување.

Од 2007 година, преку ЕГФ е исплатена помош во 182 случаи во вкупен износ од 700 милиони евра на над 170,000 лица во 20 земји членки на ЕУ.