Европскиот пазар на автомобили се буди

52

Во земјите на Европската унија во април се регистрирани 913.995 нови автомобили, што е за 13,7 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани, објави денеска Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA).

На сите поголеми европски пазари е забележан значителен раст на продажбата на годишно ниво, во Шпанија за 23,1%, Германија за 19,8%, Франција за 10,9%, Италија за 7,7%.

Во април, најголем број нови возила на бензин се регистрирани со 36%, потоа хибридно-електрични возила (HEV) 29,1%, автомобили со дизел 12,9%, електрични возила со батерии (BEV) 11,9%.

Бројот на регистрирани BEV возила во април се зголеми за 14,8% на годишно ниво, на 108.552 автомобили. Уделот на HEV значително се зголеми на годишно ниво, бидејќи во април 2023 година изнесуваше 24,9%.

Ако ги анализираме податоците за првите четири месеци од 2024 година, ќе се заклучи дека бројот на нови регистрирани автомобили во ЕУ се зголемил за 6,6% на годишно ниво, на речиси 3,7 милиони возила, објави ACEA на нејзината веб-страница.