Советот на ЕУ и Европскиот парламент рано утринава постигнаа привремен политички договор за Регулативата за следење и намалување на емисиите на метан во енергетскиот сектор, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што изјави шпанскиот вицепремиер и министер за еколошка транзиција и демографски предизвици, Тереза Рибера Родригез, овој договор претставува „големо достигнување“ и ќе помогне во постигнувањето на климатските цели на ЕУ.
– Текстот има клучен придонес за климатските активности, бидејќи метанот е значаен стакленички гас, втор само по јаглерод диоксидот во неговиот севкупен придонес во климатските промени и е одговорен за една третина од тековното глобално затоплување, рече Рибера Родригез.
Според постигнатиот договор, предвидени се нови барања за мерење, известување и потврдување на емисиите на метан во секторите за ископ на нафта, гас и јаглен, како и воведување мерки за избегнување на испуштање гас.
Регулативата ги обврзува компаниите за експлоатација на фосилни горива да доставуваат периодични извештаи за емисиите на метан на ниво на активни извори на енергија, како и од затворени или напуштени рудници за јаглен до надлежните органи.
Надлежните органи, од друга страна, мора да вршат периодични инспекции за да ја проверат усогласеноста на операторите со барањата утврдени во прописите. Првата инспекција мора да биде завршена најдоцна 21 месец по датумот на влегување во сила на регулативата, а терминот за секоја наредна инспекција треба да се заснова на проценка на ризиците за животната средина, безбедноста на луѓето и јавното здравје, но не смее да биде подолг од три години. Доколку се утврди сериозно прекршување на прописите, во рок од една година мора да се изврши нов увид.
Европската комисија се обврзува во рок од 12 месеци по стапувањето во сила на регулативата да донесе акт со кој ќе се утврдат дозволените нивоа на истекување на природен гас при стандардна температура и притисок.
Во однос на неактивни или напуштени извори на енергија, предвидено е да се подготви регистар за нивна евиденција, а нивните сопственици да достават податоци дека од нив нема емисии на метан, доколку нивната активна експлоатација престанала пред неполни 30 години. Во однос на затворените или напуштените рудници за јаглен, обврската за доставување податоци ги опфаќа сите окна или рудници кои престанале со работа пред помалку од 70 години. Исклучок од ова е предвиден за рудниците кои беа целосно поплавени пред повеќе од 10 години.
Регулативата ќе се спроведува во три фази, додека во првата ЕУ ќе се фокусира на собирање податоци и создавање глобална алатка за следење на емисиите на метан и механизам за брза реакција, а во втората и третата фаза компаниите треба да ги применат мерките. за следење, известување и верификација до 1 јануари 2027 година и за ограничување на емисиите на метан на максимални вредности до 2030 година.
Надлежните органи ќе имаат овластување да изрекуваат административни казни доколку компаниите не ги почитуваат одредбите од прописите.