
Европските берзански индекси денеска се главно во пад, бидејќи пазарите ја чекаат одлуката за каматната стапка на Банката на Англија, која ќе биде објавена во 13:00 часот.
Повеќето аналитичари на Ројтерс очекуваат Банката на Англија да ја задржи референтната каматна стапка на 4,5 отсто.
Американската централна банка (ФЕД) вчера, во согласност со очекувањата на експертите, ја задржа референтната каматна стапка во опсег од 4,25 до 4,5 отсто.
Креаторите на монетарната политика на Соединетите држави предвидуваат дека каматните стапки ќе бидат намалени за половина процентен поен до крајот на оваа година, но во исто време ги зголемија очекувањата за инфлација во 2025 година од претходните 2,5 отсто на 2,7 отсто, објави CNBC.
Франкфуртската берза DAX денеска во 9:30 часот падна на 23.280,65 поени, францускиот CAC 40 на 8.161,88 поени, московскиот MOEX на 3.217,88 поени, додека британскиот FTSE 100 се искачи на 8.733,60 поени.
Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones се искачи на 41.964,63 поени пред отворањето на берзите во САД денеска, индексот S&P 500 на 5.675,29 поени, а вредноста на NASDAQ индексот на 17.750,79 поени.
Според сегашните берзански податоци, цената на суровата нафта порасна на 67.491 долари, а на нафтата од типот брент на 71.388 долари.
Европските фјучерси на гас за април на отворањето на берзата ТТФ се тргуваа по 43,9 евра за мегават-час.
Цената на златото падна на 3.041,32 долари за унца, а на пченицата на 5,6267 долари за бушел (бушел е 27,216 кг).
Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Forex изнесува 1,08733, што е нешто помалку од средата.