Европските берзи пораснаа

На европските берзи утринава цените на акциите пораснаа по минатонеделниот остар пад, но тргувањето е претпазливо бидејќи американската ФЕД и Европската централна банка најавија дополнително зголемување на каматните стапки, додека економскиот раст забавува. Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше на 9,30, што е раст од 0,5 отсто, откако минатата недела падна за повеќе од 2 отсто.

Лондонски FTSE индекс утринава зајакна 0,39 отсто, на 7.360 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,60 отсто, на 13.976 поени, а париски CAC за 0,80 отсто, на 6.504 поени. И на азиските берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во минус од 0,5 отсто околу 9:30 часот, продолжувајќи ја својата негативна траекторија од минатата недела.

Утрово на токиската берза индексот Никеи се лизна за 1,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонг Конг, Јужна Кореја и Шангај паднаа меѓу 0,2 и 1,9 отсто. Така, падот на цените на акциите продолжи на азиските берзи, откако минатата недела загубија повеќе од 2 отсто.

Ова е резултат на натамошното зголемување на каматните стапки во западните земји, а американската ФЕД и Европската централна банка најавија дополнително зголемување на цената на парите, со оглед на тоа што инфлацијата и натаму е многу висока.

А поради зголемувањето на каматните стапки, растот на економиите забавува. Банката на федерални резерви, на пример, проценува дека бруто домашниот производ (БДП) на САД ќе порасне за 0,5 проценти следната година, како и оваа година, но многу аналитичари сметаат дека економијата следната година би можела да западне во рецесија.