Европските и американските берзански индекси паѓаат, пазарите ја чекаат одлуката на ФЕД за каматните стапки

Европските и американските берзански индекси денеска паѓаат бидејќи пазарите ја чекаат важната одлука на американската централна банка за каматните стапки, која ќе биде објавена вечерва во 19 часот.

Каматните стапки во САД моментално се движат меѓу 4,25 и 4,5 отсто, а експертите генерално очекуваат тие да останат на исто ниво, пренесува Ројтерс. Покрај оваа одлука, ФЕД ќе објави ажурирани економски проекции кои го покриваат растот на БДП, инфлацијата, невработеноста и каматните стапки. Цените на златото се уште се движат околу 3.000 долари за унца, додека пазарите истовремено забележаа пад на цените на нафтата и пченицата.

Индексот на Франкфуртската берза DAX денеска во 9:30 часот падна на 23.252,96 поени, британскиот FTSE 100 на 8.666,05 поени, францускиот CAC 40 на 8.106,20 поени, а московскиот MOEX на 3.199,41 поени. Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones падна на 41.581,31 поени пред отворањето на берзите во САД денеска, индексот S&P 500 на 5.614,66 поени, а вредноста на Nasdaq индексот на 17.504,12 поени.

Според сегашните берзански податоци, цената на суровата нафта падна на 66.679 долари, а на нафтата од типот брент на 70.370 долари. Европските фјучерси на гас за април се тргуваа на отворањето на берзата ТТФ по цена од 41,290 евра за мегават-час.

Цената на златото порасна на 3.032,13 долари за унца, а на пченицата падна на 5,6498 долари за бушел (бушел е 27,216 кг). Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Forex изнесува 1,08983, што е нешто помалку од вторникот, пренесува Танјуг.