Европските индекси пораснаа, Волстрит падна

20

На Волстрит минатата недела берзанските индекси се лизнаа од рекордно ниво, додека на европските берзи цените на акциите пораснаа по пораките од централните банки дека наскоро може да ги намалат каматните стапки.
На Волстрит, Dow Jones минатата недела загуби 0,9 отсто, на 38.722 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,3 отсто, на 5.123 поени, а индексот Nasdaq 1,2 отсто, на 16.085 поени.

Инвеститорите беа фокусирани на минатонеделниот извештај на претседателот на ФЕД Џером Пауел до Конгресот за економската ситуација.

Тој повтори дека челниците на централната банка сакаат да бидат сигурни дека инфлацијата ќе продолжи да слабее кон целното ниво од 2 отсто пред да одлучат за намалување на каматните стапки и дека оваа одлука е се поблиску.

Коментарите на Пауел ги зајакнаа пазарните очекувања дека ФЕД може да започне со намалување на каматните стапки во јуни.

Иако ФЕД нема да ги намали каматните стапки оваа година агресивно како што се очекуваше, пазарот со месеци расте, најмногу благодарение на растот на цените на акциите на технолошките гиганти.

Во текот на неделата, S&P 500 и Nasdaq индексот достигнаа нови рекордни височини, по силниот раст на цените на акциите на производителите на чипови бидејќи инвеститорите очекуваат побарувачката за чиповите потребни за развој на вештачката интелигенција да остане силна.

Но, во петокот имаше корекција на цените на акциите во тој сектор, па индексите завршија негативно на неделно ниво.

„Инвеститорите повлекоа дел од заработката од пазарот, по убавиот раст во последно време. Некои технолошки имиња навистина силно пораснаа во тој период. По силниот раст на пазарот од почетокот на годината, ваквата надолна корекција е здрава “, вели Чарли Рипли, стратег во компанијата Allianz Investment Management.

И на повеќето европски берзи цените на акциите пораснаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,3 отсто, на 7.659 поени, но франкфуртски DAX зајакна за 0,45 отсто, на 17.814 поени, а париски CAC 1,2 отсто, на 8.028 поени.

На состанокот во четвртокот, лидерите на Европската централна банка ги оставија каматните стапки непроменети на рекордно високи нивоа, како што се очекуваше, но сигнализираа дека би можеле да започнат со намалување на каматните стапки во јуни.