Европските индекси во пораст по четири дена загуби, тензијата и натаму висока

Европските берзански индекси пораснаа денеска по четири дена загуби, како и цените на нафтата, златото и пченицата, но пазарната тензија поради царините на Трамп и понатаму е висока.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека ЕУ му понудила на Трамп договор „нула за нула царини“ за индустриски стоки и повтори дека блокот на европските земји е заинтересиран за преговори, но исто така е подготвен да воведе контрамерки, објави CNBC.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, веднаш ја одби оваа понуда, со што на 9 април стапуваат во сила американските реципрочни царини за околу 60 земји и територии во светот.

Европската унија е погодена од американските увозни царини од 20 отсто, Велика Британија 10 отсто, Норвешка 15 отсто, а Швајцарија со царини од 31 отсто.

Во Европа, најтешко се погодени компаниите кои во голема мера се потпираат на глобалната трговија и синџирите на снабдување, како и на автомобилскиот сектор.

Кина е погодена од американски царини од вкупно 54 отсто, а властите во Пекинг реагираа со најава за воведување сопствени царини од 34 отсто за увоз на стоки од Соединетите Американски Држави од 10 април.

Индексот DAX на Франкфуртската берза денеска во 9:30 часот порасна на 20.020,45 поени, британскиот FTSE 100 на 7.822,73 поени, францускиот CAC 40 на 7.044,16 поени, а московскиот MOEX на 2.756,92 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones падна на 37.965,60 поени, S&P 500 на 5.062,25 поени, додека вредноста на Nasdaq индексот се искачи на 15.603,26 поени.

Европските фјучерси на гас за мај се продаваа на отворањето на берзата ТТФ по цена од 36,335 евра за мегават-час.

Според досегашните податоци на берзата, цената на суровата нафта се искачи на 61.038 долари, а на нафтата од типот брент на 64.552 долари.

Цената на златото се искачи на 3.009,29 долари за унца, а на пченицата на 5,4448 долари за бушел (бушел е еднаков на 27,216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Forex изнесува 1,09730, што е за 0,55 отсто повисока отколку на почетокот на тргувањето.

Фото: Pixabay