Европските производители имаат интересен план за борба против кинеската конкуренција

127

Традиционалните европски производители на автомобили се крајно загрижени поради „инвазијата“ на евтините електрични возила од Кина, а Renault и Stellantis веќе објавија планови за намалување на трошоците за производство.

Тиери Пиетон, финансиски директор на Renault, рече дека најдобриот начин да се одбрани од поевтината конкуренција е всушност да се намалат трошоците за развој и производство.

Планот на Renault е да ги намали трошоците за производство за дури 40 проценти од 2027 година, со новата генерација на електрични возила.

Кинеските производители како BYD и SAIC сфатија дека за да успеат во Европа, им требаат евтини, но висококвалитетни електрични автомобили. Во текот на изминатата година, кинеските производители имаа 9 отсто удел на европскиот пазар на електрични возила, што е речиси двојно повеќе отколку во 2021 година. Овој тренд продолжува во првата половина од оваа година, бидејќи кинескиот MG забележа најголем пораст на пазарниот удел по Tesla.

Карлос Таварес, управен директор на Stellantis, неодамна изјави дека конкуренцијата со кинеските производители ќе биде „екстремно брутална“. „Нивната конкурентност на трошоците е за 25 проценти подобра од нашата. Мора да се бориме“, рече тој, опишувајќи го притисокот на Кина како „инвазија“.

Таварес тврди дека западните производители на автомобили мора да користат „исти оружја“ како нивните кинески ривали, набавувајќи делови во поевтини земји и формирајќи партнерства со добавувачи на батерии кои нудат најдобра комбинација на енергија, цена и тежина.

Најголемиот кинески производител на електрични автомобили покажа со што ќе треба да се борат европските автомобилски гиганти, кога пред неколку месеци го претстави малиот, градски модел Seagull со цена од 10.000 евра.

Овој хечбек од Б-сегментот се заканува да го наруши пазарот, бидејќи во првите 24 часа од премиерата беа забележани 10.000 нарачки. BYD наскоро ќе започне со продажба на моделите Dolphin и Seal на европскиот пазар, а засега се уште не е познато дали Seagull ќе биде достапен и на Стариот континент.