
Трошоците за труд по час во првиот квартал од оваа година се зголемија за 3,6 проценти во Европската Унија, како и за 3,2 проценти во Еврозоната, во споредба со истиот период минатата година, објави Евростат.
Според податоците од Европската статистичка служба, зголемувањето на трошоците за труд е резултат на зголемувањето и на платите и надокнадите, како и на другите трошоци што ги сносат работодавачите за вработените.
Набљудувано по сектори, најголемо зголемување на трошоците за труд е забележано во градежништвото, каде што трошоците за труд по час се зголемија за 4,2 проценти во ЕУ и за 4,1 процент во Еврозоната.
Меѓу поединечните дејности во Европската Унија, најголемо зголемување на трошоците за плати по час е постигнато во секторот рударство и вадење камен, каде што зголемувањето изнесува 5,7 проценти на годишна основа, пренесува Танјуг.
По него следуваат бизнисот со недвижности и другите услужни дејности со раст од по 4,8 проценти, како и градежништвото и образованието, каде што трошоците за плати се зголемија за по 4,4 проценти.
Во индустријата, растот изнесуваше 3,6 проценти во ЕУ и 3,3 проценти во еврозоната, додека во услужниот сектор е забележано зголемување од 3,4 проценти во ЕУ и 3,1 процент во еврозоната.











