Европските телекоми размислуваат за создавање на единствена мрежа?

35

telekom

Фото: Pixabay

Топ менаџерите на телекомуникациските компании во рамките на Европската унија разговараа за создавање на пан-европска инфраструктурна мрежа. Целта е да се обединат фрагментираните национални пазари на континентот, пишува Фајненшал тајмс.

Идејата за обединување се појави за време на приватна средба меѓу еврокомесарот за заштита на пазарна конкуренција Јоакин Алмуња и шефовите на најголемите телекомуникациски групи во Европа, вклучувајќи ги Deutsche Telekom, France Telecom, Telecom Italia, Telefonica холандски KPN и белгиски Belgacom.

Фајненшал тајмс цитира луѓе запознаени со дискусиите што се воделе, кои велат дека шефовите, фрустрирани од фрагментираниот пазар кој ги попречува да бидат конкурентни и да се натпреваруваат, ја напуштиле средбата со намера да ја проучат идејата.

Раководителите на компаниите кои доминираат на европскиот пазар преку разни национални подружници, во моментов страдаат од финансиски тешкотии и се соочуваат со нови предизвици, провоцирани од конкурентните светски технолошки групи кои ги користат нивните мрежи.

Создавањето единствена мрежа ќе донесе синхронизација на европскиот пазар со пазарите на САД и Кина, но може да даде и придобивки за корисниците, како на пример усогласување на цените за телекомуникациски и интернет услуги низ цела Европа.