Европските залихи на гас сè повеќе заостануваат зад минатогодишното ниво

Количината на гас во европските подземни складишта е за 16,8 проценти помала во однос на истиот период минатата година, објави рускиот Газпром, предупредувајќи за, како што вели, многу ниско ниво на залихи.

Повикувајќи се на податоците на организацијата Гас Инфраструктура Европа, Газпром изјави дека разликата во споредба со минатогодишните залихи продолжила да расте и достигнала 11 милијарди кубни метри на 19 јули.

Европските подземни складишта во моментов се полни со 54 проценти, што е за 15,52 процентни поени под петгодишниот просек за ова време од годината, објавува Фена.

Во истиот период во 2025 година, 64,8 проценти биле пополнети.

Во европските складишта во моментов има околу 59 милијарди кубни метри гас.

– Нивото на зафатеност на европските складишта за гас е многу ниско. Цените на европскиот пазар сè уште не се поволни за надополнување на залихите – соопшти Газпром.

Компанијата изјави дека во холандскиот трговски центар TTF, цените за испорака на гас за следниот месец се сè уште повисоки од цените договорени за претстојната зимска сезона, што ја намалува економската оправданост на складирањето гас.