Евростат: Инфлацијата во еврозоната во ноември близу пет отсто

67

Растот на цените во еврозоната нагло забрза во ноември, поттикнат од поскапувањето на енергијата, приближувајќи се до нивото од пет отсто за прв пат откако Европската статистичка служба почна да објавува извештаи, покажаа проценките, објавени денеска.

Годишната стапка на инфлација во еврозоната, мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), во ноември се искачи на 4,9 отсто, од 4,1 отсто во претходниот месец, процени Евростат.

Во ноември минатата година цените беа за 0,3 отсто пониски во однос на истиот месец од предпандемиската 2019 година.

Енергенсите најмногу поскапеле во минатиот месец, за 27,4 отсто во однос на истиот месец лани. Тие во октомври скокнаа за 23,7 отсто.

Без цените на енергијата, инфлацијата во еврозоната во ноември изнесуваше 2,5 отсто.

Растот на цените на услугите позабележително забрза во ноември, од 2,1 на 2,7 отсто.

Меѓу земјите од еврозоната, цените најмногу пораснале на Балтикот во ноември – за 9,3 отсто во Литванија, за 8,4 отсто во Естонија и за 7,4 отсто во Латвија.

Со раст од 6 отсто на цените, Германија е меѓу земјите со највисоки стапки на инфлација, што, покрај скокот на цените на енергијата, ја одразува и ниската споредбена основа во пандемијата во 2020 година кога владата привремено ја намали стапката на ДДВ за поддршка на потрошувачката за време на пандемијата.

Претставникот на Европската централна банка (ЕЦБ) Изабел Шнабел во понеделникот изјави дека инфлацијата во зоната на единствената валута го достигнала врвот во ноември и дека растот на цените ќе забави следната година.

„Инфлацијата треба да падне на два отсто во 2022 година бидејќи проблемите од страната на понудата ќе стивнат и цените на енергијата ќе паднат“, изјави Шнабел за телевизијата ЗДФ во понеделникот.

Нејзината сегашна вредност ги одразува прекините на снабдувањето, но и ниските цени минатата година, во екот на пандемијата, објасни претставничката на ЕЦБ.