
Минатата година бројот на станбени трансакции е намален во 13 од 16-те земји на ЕУ, за кои се достапни податоци, во споредба со 2022 година, објави Евростат, статистичката служба на Европската унија.
Посочуваат дека ова е втора година по ред како најголем дел од земјите известувачи бележат пад на продажбата на недвижности.
Најголем пад е забележан во Луксембург од 43,3 отсто, потоа Австрија со пад од 26,4 отсто и на крајот Унгарија и Финска со пад од по 24,5 отсто.
Од друга страна, најголем раст е забележан на Кипар, 31 отсто. На второ место е Полска со 3,9 отсто, а на трето е Ирска со 0,6 отсто.
Во 2020 година, пазарот на недвижности беше погоден од пандемијата и имаше општ пад на станбените трансакции, но една година подоцна ситуацијата се подобри и продажбата на куќи се зголеми во 14 земји од ЕУ.
Во 2022 година, 10 од 16 земји забележаа пад на продажбата на недвижен имот, а најголем беше во Данска, каде што продажбата падна за 24,8 проценти. Во исто време, продажбата најмногу се зголемила на Кипар, за 27,4 отсто.
Статистичарите наведуваат дека во првиот квартал од 2024 година бројот на продадени станови е намален во осум земји, а најголем пад е забележан во Словенија од 24,4 отсто, потоа во Ирска со 22,1 отсто и Франција со 21,6 отсто. Порасна во шест земји, а најголем раст е забележан на Кипар, 42,5 отсто. Следува Холандија со раст од 11,7 отсто и на крај Луксембург со 9,3 отсто.
Луксембург е единствената земја за која се достапни податоци кои покажуваат намалување на бројот на продадени станови секоја година во последните пет години.











