Еврото ќе добие нов лик

19

Европска централна банка (ЕЦБ) соопшти дека во следните години постепено во оптек ќе пушта нова серија на банкноти во евра. Ќе почне во мај 2013 година, со новата банкнота од пет евра.

На новата серија ќе има воден печат и холограмски портрет на Европа, личност од грчката митологија по која е именуван континентот, за да се подобри безбедноста на банкнотите. Користејќи лик наместо градба, надлежните се надеваат дека на фалсификаторите ќе им биде многу потешко да изработуваат лажни банкноти.

“Портретите веќе долго време се користат на банкноти ширум светот и истражувањата покажаа дека луѓето се наклонети кон помнење лица. Има ли подобар лик од Европа за ново лице на еврото?”, изјави претседателот на ЕЦБ, Марио Драги.

За изработка на новата серија ќе се користи современа технологија. Новите банкноти ќе имаат иста боја и деноминација како сегашните, од пет, 10, 20, 50, 100, 200 и 500 евра, но лесно ќе можат да се разликуваат од првата серија.

Првата серија банкноти пуштени во промет пред 10 години, некое време ќе бидат во оптек со новата серија пред постепено да почнат да се повлекуваат. Сепак, и по повлекувањето, старите банкноти ќе можат да се менуваат во централните банки на еврозоната.