Еврото минатата недела скокна за повеќе од 1,5 отсто во однос на доларот

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна минатата недела, втора недела по ред, при што еврото порасна за повеќе од 1,5 отсто бидејќи војната меѓу Русија и Украина наскоро може да заврши.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни светски валути, падна за 1,2 отсто минатата недела, на 106,80 поени.

Курсот на еврото во однос на доларот скокна за 1,6 отсто, на 1,0490 долари.

Сепак, американската валута зајакна во однос на јапонската, за 0,6 отсто, достигнувајќи 152,30 јени.

Силниот раст на еврото во однос на доларот најмногу се должи на надежите на инвеститорите дека војната меѓу Русија и Украина наскоро би можела да заврши, откако американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со претседателите на двете земји и најави мировни преговори.

„Зајакнувањето на еврото е благодарение на ентузијазмот во врска со прекинот на огнот меѓу Русија и Украина, што може да биде многу позитивно за растот на европските економии“, вели Васили Серебриаков, валутен стратег во UBS.