Еврозоната бележи суфицит од 16,4 милијарди евра во трговијата со стоки во ноември

Според првите прелиминарни проценки, еврозоната во ноември забележа суфицит од 16,4 милијарди евра во стоковната размена со остатокот од светот, објави денеска Евростат.

Вредноста на извозот на стоки од еврозоната во остатокот од светот во ноември 2024 година изнесува 248,3 милијарди евра, што е намалување од 1,6 отсто на годишно ниво, додека увозот во исто време е намален за еден отсто на годишно ниво на 231,9 милијарди евра.

Во периодот од јануари до ноември 2024 година, еврозоната забележа трговски суфицит од 161,9 милијарди евра, додека во истиот период во 2023 година е забележан многу помал суфицит од 40,9 милијарди евра, соопшти Евростат.

Европската унија во ноември забележа трговски суфицит од 14,3 милијарди евра во стоковната размена, додека истиот месец во 2023 година забележа суфицит од 17,2 милијарди евра.

Вредноста на извозот на стоки од Европската унија во остатокот од светот во ноември 2024 година изнесува 223,1 милијарди евра, што е за 1,2 отсто помалку во однос на истиот месец лани, додека вредноста на увозот во ЕУ е зголемена за 0,1 отсто. на годишно ниво до 208. 8 милијарди евра.