Еврозоната во мај забележа трговски дефицит од 7,8 милијарди евра

Еврозоната, според првите прелиминарни проценки, во мај регистрираше дефицит од 7,8 милијарди евра во трговијата со стоки со остатокот од светот, што е најголемиот месечен дефицит од април 2023 година, објави денес Евростат.

Резултатот е значително помалку поволен отколку во мај 2025 година, кога беше регистриран суфицит од 15 милијарди евра, се додава во извештајот.

Вредноста на извозот на стоки од еврозоната кон остатокот од светот во мај 2026 година изнесуваше 243,6 милијарди евра, што претставува скромен раст од 0,1 процент на годишно ниво, додека увозот во исто време се зголеми за дури 10 проценти на годишно ниво на 251,4 милијарди евра.

Вкупниот трговски дефицит првенствено беше предизвикан од зголемениот енергетски дефицит и намалениот суфицит во производството на машини и возила, како и хемикалии и сродни производи.

Еврозоната забележа суфицит од 3,3 милијарди евра во периодот од јануари до мај оваа година, што е значително помалку од 78,7 милијарди евра во истиот период во 2025 година.

Во мај годинава Европската унија забележа дефицит од 12,1 милијарди евра во стоковната размена.

Вредноста на извозот на стоки од Европската унија во остатокот од светот во мај изнесува 215,7 милијарди евра, за 1,1 отсто помалку во однос на истиот месец лани, додека вредноста на увозот во ЕУ е зголемена за 10,8 отсто на годишно ниво, на 227,8 милијарди евра.

Дополнително, вредноста на извозот од Европската унија во САД, кој е во центарот на вниманието поради царините на Трамп, падна за 12,3 отсто на годишно ниво, на 40,8 милијарди евра, а увозот од САД се зголеми за 17,1 отсто на 32,9 милијарди евра.

Податоците покажуваат дека трговскиот суфицит на Европската Унија со САД во мај изнесувал 7,9 милијарди евра, што е значително пониско отколку во мај 2025 година, кога изнесувал 18,4 милијарди евра.

Новите податоци ќе бидат објавени на 14 август, според веб-страницата на Евростат.