Евтина тарифа на електричната енергија најрано од 1. Јануари следната година, вели Талески

Како  еден од предвидливите термини за кога граѓаните најрано ќе можат да очекуваат евтина дневна тарифа, професорот Рубин Талески го издвојува  1. Јануари 2024 година.

Ставот го поткрепува со два аргументи: „Со оглед на тоа што ЕЛЕМ (ЕСМ) на тендерот понуди само една цена за следните шест месеци ова не би можело да се примени. Дополнително, „програмирањето“ на броилата ќе потрае подолго време“, вели во интервју за „Локално, Талески.

Во таа насока е и неговиот одговор во однос на дилемата колкава ќе биде новата цена на електрична енергија која ќе биде со зголемен ДДВ.

„Со оглед на тоа што ЕЛЕМ за следните месеци нуди електрична енергија за околу 5% пониска отколку во претходниот период, дефинитивно цената на електричната енергија ќе биде пониска. Но, потрошувачите, покрај електричната енергија, плаќаат и тнр. „мрежарина“, т.е. надоместок за користење на преносниот и дистрибутивниот систем. Кај овие две ставки веројатно ќе има некое мало покачување на тарифите, така што може да се очекува дека цената на електричната енергија (со вклучена „мрежарина“) нема значително да се зголеми или да се намали“, вели Талески.

Според него, на крајот  останува прашањето на зголемување на стапката на ДДВ од 10 на 18%. Посочува дека ова ќе го почувствуваат (во најголема мерка, домаќинствата како крајни купувачи) што не можат да го пренесат ДДВ -то.