Фабриката Карпош го прослави 65-от јубилеј

144

fabrika-karpos Фабриката Карпош го прослави своето шест ипол децениско постоење. Оваа фабрика денеска е трансформирана во компанија која работи со напредна технологија.
Кире Стефанов, Претседателот на Надзорниот одбор, во своето излагање пред присутните се наврати на историјатот на компанијата.
„Фабриката којашто започна со производство на цевки и рабници, денес израсна во водечка компанија за производство на монтажни елементи и за изградба на објекти во градежната индустрија во Македонија. Да се биде сведок на историја и да се биде дел на денешницата кога нашите проекти се бројни низ целата држава зборува дека сме поставиле високи цели и дека сме ги достигнале. Фабриката Карпош и понатаму работи на проширување на своето портфолио со секојдневно вложување во иновативност, професионалност, стратешки партнерства и унапредување на квалитетот. Со овие вредности во нашата работа иднината е извесна и успешна. Новата историја на Фабриката Карпош бележи успеси и извозно ориентирани проекти на пазарите во соседните земји Бугарија, Србија, Албанија и Косово”, изјави Стефанов.
Денес Карпош со својот модернизиран возен парк дополнет со градежни машини, употреба на нова технологија, нов погон за производство на прагови за современи железници соодветно на европските стандарди, бројни проекти во нискоградба, проектирање и изведба на високоградба, стана една од најперспективните градежни субјекти на македонскиот пазар. Во функција на поголем квалитет во доставувањето на производот, фабриката Карпош создаде лабораторија за испитување на сите производи според ИСО стандардите, сопствен транспорт на своите производи и комплетна логистичка поддршка за изведба на сите типови на објекти.
Во последните години фабрика Карпош има изградено значителен број на далноводи, пешачки патеки, изведена канализација, изградба на улици и патишта, високи згради и деловни објекти.
Оваа фабрика денеска има повеќе од 200 вработени и со дополнителното модернизирање на опремата, за следната година се најавува да стане поконкурентна, не само во Македонија, туку и на пазарите пошироко.