Фабриката на Рено во Словенија го намалува производството и бројот на вработени

165

Автомобилската фабрика „Ревоз“ од словенечкиот град Ново Место, во сопственост на француски „Рено“, потврди дека до крајот на април дополнително ќе го намали производството и бројот на вработени за 450.

Фабриката се реши на овој чекор поради проблеми со снабдувањето со полупроводници и други тешкотии поврзани со епидемијата на корона вирусот.

„Кризата со полупроводниците сè уште не е завршена, а условите на пазарот се неизвесни“,соопштија од Ревоз, додавајќи дека очекуваат производството да падне од 486 на 325 возила дневно до крајот на април.

Како резултат на тоа, 450 работни места во производството ќе станат вишок, па во иднина производството ќе се одвива само во една смена.

Раководството на фабриката наведува дека ќе им помогне на работниците кои ќе останат без работа заедно со службата за вработување и партнерските агенции, во обид да најдат нови работни места.

„Ревоз“ лани произведе 95.797 возила во тешки услови на кризата при набавка на полупроводници и проблеми поврзани со последиците од пандемијата, што е за 31 отсто помалку од 2020 година.