Кризата ги принудува бизнисмените да се снаоѓаат како знаат и умеат, па дури и некогаш да преземаат мерки кои немаат ништо заедничко со нивната основна дејност. Добар пример за тоа е компанијата за производство на моливи и училишен прибор од Загреб ТОЗ, каде што управата размислува да купи жирафа.
Во белешките на полугодишниот финансиски извештај на ТОЗ, објавен на Загрепската берза, се наведува дека “компанијата планира да започне проект за набавка на егзотично животно – жирафа, за која има соодветни сместувачки капацитети за да може по добивањето на потребните дозволи да се наплаќа влез за заинтересираните како домашни така и странски посетители“.
Не се знае во која мера жирафата би можела да и помогне на компанијата, која според податоците од извештаите, во првото полугодие компанијата оствари добивка од над 183.000 евра.
“ТОЗ работи на голем простор од дури 60.000 метри квадратни, а користиме максимално две третини од просторот. Со оглед на тоа дека замре пазарот на недвижнини, па тој имот не може да го продадеме, а цените на наемот се пониски за дури 50%, одлучивме одредени простории да ги ставиме во функција. Затоа сакаме да купиме жирафа, бидејќи такво животно нема во Зоолошката градина во Загреб. Нашите посетители ќе имаат можност со влезница од 1,3 евра да ја видат жирафата и да го посетат погонот на ТОЗ“, вели за Тпортал, директорот на ТОЗ, Тихомир Лалиќ.
Тој вели дека се уште се разгледуваат можностите од каде да се набави жирафата, дали од некоја зоолошка градина од земјите во регионот или од подалеку.