Facebook воведе предупредување за снимки со насилна содржина

21

article-2470264-18E94AE000000578-898_634x577Откако одлуката на Facebook на своите страници повторно да постави видео снимки со насилна содржина предизвика полемика, компанијата реши таквите снимки да ги проследи со пораки за предупредување.

Имено, британскиот премиер Дејвид Камерон преку својот микроблог на Twitter вчера ја осуди одлуката на Facebook повторно да почнува да објавува снимки со насилство. Тој ги повика одговорните да им ја објаснат таа неодговорна одлука на вознемирените родители чиишто деца на оваа социјална мрежа можат да видат насилни сцени без претходно предупредување.

Поставувањето на насилни видео снимки беше привремено забрането во мај годинава, откако неколку здруженија протестираа, но Facebook повторно го овозможи нивното поставување, бранејќи се со принципот на слободно циркулирање на снимки.

“Facebook Inc секогаш бил платформа на којашто луѓето си споделуваа своите искуства, особено доколку се поврзани со контроверзни случувања, како што се кршењето на човековите права, терористичките акции и други дејствија поврзани со насилството. Луѓето ги разменуваат овој вид видео снимки за да ги осудат. Доколку тие тоа би го величале или поттикнувале, ќе имавме поинаков пристап”, реагираше една од портпаролките на Facebook Inc за AFP.

Според видео снимките објавени на неколку интернет страници, меѓу кои и на BBC, Facebook, кој има повеќе од милијарда корисници, вчера воведе промени, со кои покрај видео снимките на насилство ја поставува пораката за предупредување – Внимание! Содржината на оваа снимка е многу насилна и може да ве вознемири.