Фото: Pexels
Многу често се случува да ми дојде некој на состанок без пенкало и без тефтер, и да бидам искрен, веднаш имам чувство дека состанокот е залуден. Можеби нема да има потреба да се искористи, но сепак, значајно е да се има нешто на што ќе можете да фаќате белешки од состанокот што ќе го имате.
Би сакал да споделам неколку совети – зошто фаќањето прибелешки е важно, но и како да го направите тоа најефективно. Но, пред воопшто да навлеземе во ова, мора да направиме разлика помеѓу записник и фаќање прибелешки.
Записник води одредена личност која е назначена за тоа и самиот документ има официјален карактер.
Фаќањето прибелешки, пак, е повеќе лична работа, но ако има потреба може да има и официјален карактер.
За фаќањето на прибелешки ви се потребни:
- Концентрација – ви треба убава концентрација затоа што додека запишувате, не сте фокусирани на разговорот. Затоа, најдобро е прибелешките да ги запишувате или при пауза на разговор.
- Повторување – ќе биде добро да побарате повторување на некој дел којшто не сте го разбрале или слушнале убаво, но и потврда на некои работи кои се дел од прибелешките.
- Технички помагала – денес, прибелешките можат да се пишуваат и на мобилен телефон, лаптоп (за тие што се побрзи во пишување), и на која било хартија. Немате изговор.
- Стандарди – имајте си стандарди при пишувањето каде што ќе користите кратенки за зборови кои подоцна ќе знаете што значат кратенките.
- Организација – адаптирајте се соодветно на местото каде што сте. Организирајте се самите со тоа што ќе имате секогаш повеќе опции за фаќање прибелешки, а соодветно и самото место ќе го организирате, бидејќи со тоа давате претстава за вас како личност на која и е од голема важност средбата.
- Сумирање – на крај сумирајте сè што сте прибележале и направете си еден записник само за вас. Убаво е да го имате. Може и да го споделите со соговорникот, ќе има само додадена вредност, верувајте!
Со фаќањето на прибелешки (па и да немало потреба, но вие сте подготвени), само вие добивате, никој друг. Многу малку треба, а претставата е сосема друга. Размислете!
Со успех во промените.