Фактите зад успешните претприемачи

17

fakti

Фото: Pixabay

Да речеме дека правила не постојат, но има неколку факти или вистини кои цврсто стојат во резимето на успешниот претприемач.

За возраста: Никогаш не е доцна

Најчесто бизнис се започнува околу 40-тата година од животот. Но, тоа го вели само статистиката. Постојат многу претприемачи кој започнале навистина млади, а има и такви кои стартувале со бизнис во своите поодминати години. Никогаш не е доцна сè додека постои желба и идеја.

За образованието: Повеќе од потребно

Возраста не е важна, но образованието е клучно. Дури 95,1% од претпримачите се со високо образование, а 47% имаат завршено и напредни степени. Знаењето е главниот инструмент за успех во секој сегмент од животот.

Успешен бизнис и успешна врска: Секако дека е возможно

Податоците велат дека 69% од претпримачите започнале бизнис додека биле во брак и потенцираат дека најголемата поддршка ја наоѓаат кај партнерот, без разлика дали е тоа сопруг/а или личноста со која живеат.

Добар родител и успешен претприемач: Возможно и пожелно

Работата и приватниот живот се две различни страни на паричката и како такви меѓусебно се дополнуваат. Повеќе од половината или 60% имале едно дете кога станале претприемачи, а 43% биле со две или повеќе деца. Неспорно е дека децата се најсветлата точка кога нешто ќе тргне наопаку и тие ја даваат најискрената честитка кога успесите се нижат.

Успех после неуспех: Можете да се обидувате колку пати сакате

Единствен неуспех е кога после падот, нема да се обидете да станете. Шанси секогаш имало и ќе има. Всушност и најголемиот број на претпримачи се сериски претприемачи, кои зад себе имаат неколку бизниси. Успехот не доаѓа секогаш брзо и лесно, но сигурно постои за сите кои не се откажуваат.

Страста и богатството: Еднакво важни

Факт е дека желбата за добар, удобен живот е главната мотивација за започнување на бизнис. Дури 74,8% ќе ги нагласат финансиските придобивки како мотив. Страста за работата е важна и треба да се поседува, а во комбинација со желбата (и секако можностите) може да произведе нешто ново и успешно.

Идејата за претприемништво: Најчесто вродена

Претприемништвото е прва опција за многу луѓе, дури и кога нема да успеат од прв пат. Само мал број, односно 4,5% од претприемачите се одлучиле да започнат сопствен бизнис поради неможноста да најдат работа.

Вработен, па сопственик: Најдобра варијанта

Дури 74,5% од сопствениците на успешен бизнис работеле во други компании (повеќе од шест години) пред и самите да основаат своја. Искуството што го добиле е непроценливо и многу им помогнало во процесот на создавање на бизнисот, каде е добро да се знае од самиот старт што (не)треба да се прави во одредени ситуации.