Светските цени на храната останаа речиси непроменети во јули втор месец по ред. Повисоките цени на растителното масло, месото и шеќерот ги надоместија пониските цени на житариците, објави Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО).
Индексот на вкупната кошничка за храна, пресметан од ФАО во јули, изнесуваше 120,8 поени, откако во јуни беше 121 поен. Во однос на ланскиот јули, вредноста на индексот е намалена за 3,1 отсто.
Цените на житарките паднаа за 3,8 отсто на месецот, откако глобалните извозни цени на главните жита паднаа втор месец по ред. Цените паднаа поради повисоката сезонска достапност на жито и поволните услови во САД и Канада, што укажува на добра жетва подоцна во годината.
Намалени се и извозните цени на пченката бидејќи жетвата во Аргентина и Бразил е подобра од лани, а условите за одгледување се поволни и во САД. Цената на оризот се намали за 2,4 отсто.
Истовремено, индексот на растителни масла порасна за 2,4 отсто и достигна највисока вредност за една и пол година, додека цената на месото порасна за 1,2 отсто.
За 0,7 отсто на месечно ниво порасна и шеќерот. Зголемувањето беше поттикнато од потпросечното производство во Бразил. Цените на млекото останаа непроменети, забележува ФАО.