Фати се за лопата – акција за расчистување на сите критични точки погодени од поплавите

21

13912825_161362024272366_2175258865271650094_n

Членовите на групата Humanitarna pomos za poplavenite semejstva vo Skopje ги повикуваат граѓаните на Република Македонија, кои се физички и здравствено подготвени, на заедничка ударна акција за расчистување на теренот на сите критични точки, на 13 август 2016 година (сабота).

Увидот на теренот покажува дека само со организираност, координираност, масовност и голема екипираност ќе може да се расчисти теренот и да се спречат опасностите коишто можат да следат ако тоа не се стори веднаш!

Потребно е сите граѓани да започнат да доаѓаат на зборното место Веро центар (Веро Џамбо) од осум часот наутро, по што организирано и координирано ќе се упатуваат на критичните точки, според утврдена листа за степенот на алармантност на ситуацијата на теренот. Превозот ќе поаѓа по исполнувањето на капацитет на секое возило (автобус, минибус или комбе). Расчистувањето ќе трае најдоцна до 19 часот, поради потребната видливост на теренот.

Увидот на теренот покажува дека потребниот број луѓе за расчистување на сите критични точки е многу поголем од оној којшто до местата може да се упати со јавниот превоз или индивидуалните возила.

“Затоа, јавно ги повикуваме сите приватни превозници и туристички агенции од Република Македонија, да се вклучат во оваа акција и сите свои автобуси, минибуси и комбиња, коишто не се користат за редовен превоз, на 13 август 2016 година да ги упатат пред Веро центарот во Скопје (обезбеден паркинг) и да овозможат во текот на целиот ден да превезуваат граѓани до и од критичните точки, до локациите до коишто полицијата дозволува пристапност. Сигурни сме дека ќе ја покажат својата човечност и етичност и ќе ги испратат возилата коишто им се на располагање, бидејќи ниту еден друг ангажман и ниту еден друг личен приоритет на приватните превозници, во овие денови, не треба да е поприоритетен од помагањето во расчистување на сите критични точки. Исто како што за секој физички и здравствено подготвен, етичен и човечен граѓанин на Република Македонија, во овие денови, најприоритетно е секогаш кога може да биде онаму каде што е најпотребен на терен“, апелираат членовите на Facebook групата.

Сите приватни превозници коишто го прифаќаат јавниот повик, за повеќе информации и најава, како и сите поголеми групи на граѓани коишто го прифаќаат повикот за учество во оваа масовна и координирана акција, во секое време можат да се обратат на телефонскиот број: 076 456 345.

Сите граѓани кои поседуваат соодветна опременост (чизми, лопати, копачи, вили, работнички колички, заштитни ракавици, медицински маски), неопходно е да дојдат со неа, а за сите граѓани коишто немаат ваква опременост, организаторите информираат дека поседуваат поголем број опрема којашто ќе им биде дадена пред упатување на терен.

Истовремено со оваа акција, координирано, на друга локација ќе се организира централен пункт за собирање хуманитарна помош.

Инструкции за граѓаните кои ќе се упатат на терен:

– Доколку поседувате, носете ваш алат. Најпотребни се лопати, копач и вила.

– Задолжително работете со заштитни ракавици (колку може повисоки, идеално до лакотот), заштитна маска и гумени чизми.

– Доколку при работењето се испотите, не си го бришете лицето со раце, користете крпа која ќе ја допирате само со чисти раце.

– Доколку се повредите, веднаш измијте ја раната со голема количина чиста вода (флаширана) и санирајте ја раната. Доколку имате отворена рана, препорачливо е да ја напуштите областа и да посетите лекар.

– Консумирајте многу вода (флаширана) и други течности.

– Немојте да работите гладни.

– Наполнете ја батеријата на телефонот пред излегување од дома.

– Доколку се извалкате со кал, потрудете се да не се допирате по лицето и измијте се веднаш.

– Секогаш мислете на својата безбедност бидејќи поплавените објекти се структурно нестабилни.