ФЕД ќе објави нова одлука: Дали ова ќе биде последното зголемување на каматите?

49

Американската централна банка (ФЕД) денеска  ќе ја објави одлуката за нивото на референтната каматна стапка, а ќе се обрати и претседателот на ФЕД, Џером Пауел, пренесува Ројтерс.

Експертите прогнозираат дека ФЕД повторно ќе ја зголеми референтната каматна стапка – за 25 базични поени, а истовремено најавуваат и крај на актуелната политика за зголемување на каматните стапки.

Во март, 10 од 18-те креатори на политиката на ФЕД посочија дека се подготвени да престанат да ја зголемуваат референтната каматна стапка, откако денеска се очекува ново зголемување.

ФЕД ќе мора да реагира на низа економски ризици во САД. Некои претставници на Федералните резерви веруваат дека референтната каматна стапка не е доволно зголемена, бидејќи инфлацијата во САД не паѓа толку брзо како што се очекуваше.

Неодамнешниот колапс на три американски банки предизвика загриженост за можни подлабоки проблеми во финансискиот сектор, а спорот меѓу републиканците и демократите околу зголемувањето на плафонот на долгот може да се претвори во сериозна криза.

Фото: Facebook