
Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC) нема да ја промени клучната каматна стапка на својот состанок во мај, кој започнува денес и завршува во среда, според општиот став на аналитичарите во САД.
Претседателот на Федералните резерви (ФЕД) Џером Пауел постојано го отфрла притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на основната каматна стапка со цел да се стимулира економскиот раст. Како што објасни Пауел, централната банка ќе почека додека последиците од тарифната политика на Трамп не станат појасни.
Царините би можеле да го загрозат економскиот раст, додека се очекува инфлацијата да се зголеми поради очекуваниот недостиг на стоки и повисоките цени. Моментално е под контрола и блиску до целта на централната банка од два проценти годишна инфлација, а американската економија малку се намали во првиот квартал од оваа година.
Аналитичарите на „Морган Стенли“ се согласуваат дека е најдобро централните банкари да почекаат додека последиците од царинскиот шок на Трамп не станат појасни. Тие дури предвидуваат дека Фед нема да ја промени својата клучна каматна стапка до крајот на оваа година.
Како и претходно, активностите на ФЕД ќе зависат од развојот на настаните, особено од состојбата на пазарот на трудот. Повеќето други аналитичари не ја исклучуваат можноста за намалување на клучната каматна стапка оваа година, но сите се согласуваат дека состанокот за монетарната политика во мај ќе биде „досаден“.
По серија зголемувања на клучните каматни стапки од март 2022 до јули 2023 година, ФЕД не ја промени монетарната политика сè до септември 2024 година, кога ја намали основната каматна стапка за 0,50 процентни поени, а потоа повторно во ноември и декември 2024 година за по 0,25 процентни поени. Оттогаш, основната каматна стапка се движи помеѓу 4,25 и 4,50 проценти. Уште пет состаноци на FOMC се закажани до крајот на годината