Ферари го одложува новиот модел бидејќи клиентите сè уште не веруваат во концептот на спортско електрично возило

Ферари одлучи да ги одложи плановите за излегување со втор целосно електричен автомобил барем до 2028 година поради слабата побарувачка за луксузното спортско електрично возило, велат извори запознаени со ова прашање.

Првично, планот беше да се лансира уште еден модел следната година.

Познат по своите бучни бензински автомобили, Ферари започна со производство на хибридни модели во 2019 година, а првиот целосно електричен автомобил треба да биде претставен на јавноста во три чекори, од октомври оваа година до светската премиера во пролетта 2026 година.

Првите испораки до клиентите се очекуваат во октомври 2026 година.

Покрај фактот што на електричните спортски автомобили им недостасува бучниот израз на моќноста на моторот, една од главните карактеристики што ги привлекуваше богатите купувачи, проблемот е што електричните батерии се претешки, а возилата немаат моќност на бензински мотор.

Еден од информираните извори рече дека во моментов нема реална, одржлива побарувачка за електрични спортски возила, што го натера Ферари да го промени својот план.

Слабиот пазарен интерес сега треба да му даде време на Ферари за уште подобар развој на сопствената технологија. Производителот не сакаше да коментира за информациите за одложувањето.

Другите производители на спортски автомобили, исто така, ги одложија или намалија плановите за производство на електрични модели поради недостаток на интерес кај клиентите.

Италијанскиот конкурент на Ферари, Ламборџини, во декември објави дека ќе го лансира својот прв електричен модел во 2029 година наместо во 2028 година, а Порше одлучи да ги намали своите амбиции поради слабата продажба на електричните модели Macan SUV и Taycan.

Масерати, дел од луксузниот бренд Stellantis, ги откажа плановите за електрична верзија на спортскиот автомобил MC20 претходно оваа година.

Извор на Ројтерс изјави дека Ферари го гледа вториот електричен модел како вистинска промена во својата стратегија за електромобилност, додека првиот модел е повеќе симбол на исполнување на ветувањето дека првиот електричен автомобил ќе се појави на пазарот во 2026 година.

Првиот електричен автомобил на Ферари, дизајниран со помош на поранешниот главен директор за дизајн во Apple, Џони Ајв, ќе има цена од 500.000 долари. Ќе биде малку поголем од типичното за вакви модели, но нема да биде SUV.

Фото: Pixabay