Кина стана првата земја во светот каде жените се купувачи на повеќе од четвртина од продадените автомобили на Ферари. Жените сочинуваа просечно 26 отсто од продажбата на италијанската компанија во Кина во последните пет години, без Тајван и Хонг Конг.
Тоа значително го надминува процентот на автомобили на Ферари што се продаваат на жени во која било друга земја, велат изворите без да наведат конкретни бројки, пишува Фајненшл тајмс. Исто така, има зголемување на бројот на жени кои се пријавуваат за настани спонзорирани од Ферари, како што се обука за возење тркачки автомобили, и генерално покажуваат зголемен ентузијазам за производите и искуствата на италијанската компанија.
Жените кои ги купуваат споменатите автомобили најчесто се директори во технолошката индустрија, претприемачи со недвижнини и супер богати жени. Ферари одби да даде повеќе детали за своите женски клиенти, а компанијата се обидува да задржи удел од глобалната продажба од околу 10 проценти во Кина.
Според минатогодишниот деловен извештај, Кина, Хонг Конг и Тајван учествувале со 12 отсто од вкупната продажба со околу 1.600 автомобили. Кина го има второто место по број на милијардери во светот, а Кинезите доминираат на листите на најбогати жени во Азија.
Луксузната потрошувачка во Кина се опоравува откако втората по големина економија во светот ги укина строгите контроли поради пандемијата. Се проценува дека кинеските потрошувачи ќе сочинуваат 20 отсто од пазарот на луксузни стоки оваа година, а тој процент ќе се зголеми на 38 отсто до 2030 година. Ферари објави глобална продажба од околу 5,1 милијарди евра и вкупни испораки на 13.221 автомобил.