Ferrari – синоним за црвени, брзи и луксузни автомобили

294

ferari

Кога ќе се спомене Ferrari, првата асоцијација се секогаш брзите црвени спортски автомобили и препознатливиот знак – црн коњ на две нозе на жолта позадина. Приказната на овој успешен италијански автомобилски бренд започнува во 40-тите години на минатиот век.

enzo-ferari

Енцо Ферари

Енцо Ферари е роден во 1898 година во Модена, Италија. И покрај негодувањето на неговото семејство, тој завршува машинско училиште. Откако се вратил од војната, во којашто ги загубил неговите татко и брат, семејниот бизнис го затекнал во банкрот. Побарал работа во Fiat, но оттаму добил негативен одговор. Бидејќи немал друга шанса за вработување, Ферари се вработил во малата автомобилска компанија CMN (Costruzioni Meccaniche Nazionali), каде што имал задача да редизајнира каросерија на стари камиони, коишто ги трансформира во мали патнички автомобили.

Во тој период започнува да се трка, па и да вози за Alfa Romeo. По извесен период, почнал да прави сопствени автомобили за трки. Но, дури по Втората светска војна Ферари започнува со производство на автомобили што го носат неговото име. Во 1949 година излегува неговиот прв стандарден модел 125 sport. За кратко време неговите автомобили стануваат најбарани заради нивната исклучителност и перформанси. Во центарот на неговиот интерес до крајот му се трките, а конструирањето патнички автомобили за него претставувало нужно зло бидејќи биле извор на приходи. Поради финансиски проблеми, во 1969 година Fiat презема првично 50%, а потоа 90% учество во компанијата. Во октомври 2014 година, Fiat Chrysler Automobiles ја најави идејата за одвојување на Ferrari од нивната групација. Одвојувањето започна една година подоцна со реструктуирање и формирање на Ferrari N.V.

Енцо Ферари почина на 14-ти август 1988 година во Маранело на 90-годишна возраст.

ferrari

Логото и препознатливите црвени автомобили

Познатиот симбол на Ferrari е Cavallino Rampante – црн пастув подигнат на две нозе на жолта позадина. На логото се наоѓаат и двете букви SF – Scuderia Ferrari, а има и три линии во зелена, бела и црвена боја, што ги претставуваат италијанските национални бои. Енцо Ферари во 1923 година победил на трката на патеката Савио, каде што ја запознал грофицата Паолина, мајка на грофот Франческо Бараче. Тој бил италијански воен пилот и национален херој од Првата светска војна, на чии авиони имало слика од коњ подигнат на две нозе. Грофицата му порачала на Енцо да го користи логото за своите автомобили, велејќи му дека тоа ќе му донесе среќа. Ferrari официјално го користи логото од 1929 година.

Ferrari, на почетокот на 20-от век, ја избира црвената боја по која е препознатлив и до ден денес.

ferrari_theme_park_13

Музеј и тематски парк на Ferrari

“Live the dream“ (живеј го сонот) е пораката што ги поздравува големиот број посетители кои доаѓаат во музејот на Ferrari во италијанскиот град Маранело. Музејот ја “раскажува“ приказната на Ferrari, почнувајќи од почетоците сè до денес. Освен препознатливите Formula 1 автомобили и легендарните спортски прототипи, посетителите во музејот може да уживаат и во кино проекции на документарци посветени на брендот, полу – професионален Formula 1 симулатор, сувенири, можности да пробаат да направат промена на пневматици како на трките…

Ferrari world Abu Dhabi e тематски парк во Обединетите Арапски Емирати, каде со различни атракции, сите вљубеници во овој луксузен автомобилски бренд може да уживаат и да се запознаат со историјатот и сите новитети на Ferrari. Изградбата на паркот започна на трети ноември 2007 година, а потребни беа три години за негово целосно завршување. За изработката на структурата на тематскиот парк беа искористени 12.370 тони челик, што е двојно повеќе од челичната конструкција на Ајфеловата кула. Паркот се протега на површина од 86.000 метри квадратни, што е површина на околу седум фудбалски игралишта. Логото на Ferrari, што е поставено на врвот на паркот е најголемото лого што некогаш е направено – покрива површина од 3.000 метри квадратни.