Фото: Facebook
Fiat Chrysler повлекува 4,8 милиони автомобили, како превенција заради можен проблем со исклучувањето на автоматската контрола на брзината, пишува CNN. Досега е пријавен само еден ваков проблем, којшто сепак завршил без повреди.
Проблемот може да настане кога автомобилот забрзува по нагорнина, а е вклучен на опцијата автоматска контрола на брзината, соопштуваат од компанијата. Во таков случај можно е да се предизвика краток спој и автомобилот да остане “заклучен” на опцијата за автоматска контрола на брзината со што стандардните начини за излегување од истата, како притискање кочница и копчето за исклучување, не функционираат.
Сепак, возачите и во таков случај може да го контролираат возилото, со притискање на сопирачките и застанување или менувајќи ја брзината со менувачот.
Компанијата ги повика сопствениците на возила од ризичните модели да се пријават кај овластените дилери и да направат софтверско ажурирање без надомест. Во меѓувреме на возачите им се препорачува да не ја користат “спорната” опција на своите возила.
Модели кај коишто е можно да дојде до проблем се:
- 2014-18: Chrysler 300 sedan, Dodge Charger sedan, Dodge Durango SUV, Dodge Journey crossover, Jeep Cherokee SUV, Jeep Grand Cherokee SUV, Ram 2500 pickup, Ram 3500 cab chassis, Ram 3500 pickup и Ram 4500/5500 cab chassis
- 2014-19 Ram 1500 pickup
- 2015-18 Dodge Challenger coupe
- 2015-17 Chrysler 200 sedan
- 2017-18 Chrysler Pacifica minivan
- 2018 Jeep Wrangler