Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ во понеделникот го намали кредитниот рејтинг на Израел од А+ на А, наведувајќи го влошувањето на геополитичките ризици додека војната меѓу Израел и Хамас се одолговлекува.
Исто така, ја задржа негативната перспектива за рејтингот, што значи дека е можно дополнително намалување на рејтингот.
„Според нас, конфликтот во Газа би можел да трае до 2025 година и постојат ризици тој да се прошири и на други фронтови“, се вели во соопштението на рејтинг агенцијата.
Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич го минимизираше потегот како „природен“ среде војна и рече дека израелската економија ќе закрепне по одговорните чекори што планира да ги преземе.
Израелскиот шекел падна за дури 1,7 отсто во однос на доларот во понеделникот, а акциите завршија за над 1 отсто пониски во Тел Авив, бидејќи инвеститорите се загрижени за можен напад врз Израел.
Рејтинг агенцијата очекува израелската влада трајно да ги зголеми воените трошоци за близу 1,5 отсто од БДП во споредба со нивото од пред војната.
„Јавните финансии се погодени и проектираме буџетски дефицит од 7,8 отсто од БДП во 2024 година, а долгот ќе остане над 70 отсто од БДП на среден рок“, велат од „Фич“. Се предвидува дека долгот на земјата ќе остане во нагорен тренд и по 2025 година, доколку продолжат повисоките воени трошоци и економската неизвесност.
„Фич“ е третата глобална кредитна агенција која го намали кредитниот рејтинг на Израел по избувнувањето на војната, приклучувајќи им се на S&P и Moody’s.