Фич сигнализираше можно намалување на кредитниот рејтинг на САД

22

Агенцијата Фич сигнализираше дека би можела да го намали кредитниот рејтинг ААА на САД доколку Белата куќа и Конгресот не постигнат договор за зголемување или суспендирање на плафонот на долгот во наредните денови.

Американското Министерство за финансии во неколку наврати предупредуваше дека би можело да има проблеми со исполнувањето на финансиските обврски уште на почетокот на јуни.

Преговорите меѓу администрацијата на претседателот Џо Бајден и републиканците во Претставничкиот дом на Конгресот се заглавени во ќорсокак, а до крајниот рок остануваат само седум дена.

Од „Фич“ велат дека би можеле да го намалат рејтингот на САД доколку навреме не го подигнат плафонот на долгот или не го суспендираат.

„Фич сè уште очекува договорот за лимитот на долгот да биде постигнат пред „датумот X“. Но, веруваме дека постојат зголемени ризици дека плафонот за задолжување нема да биде подигнат или суспендиран пред тоа, па владата може да почне да не отплаќа некои обврски“, се наведува во извештајот на агенцијата.