Филипче најави: Присуство на настани само со сертификат за вакцинација

43

Граѓаните мора да сватат дека вакцинацијата е единствениот спас од Ковид-19, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој најави дека од есен најверојатно на масовни настани и на отворено и на затворено би се присуствувало само со сертификат за вакцинација против Ковид-19.

На прашањето дали ќе се воведат построги мерки бидејќи се намалува интересот за вакцинација, се појавуваат нови кластери на заболени и не сите здравствени работници се вакцинирани, Филипче рече дека според нивните анализи здравствениот персонал е вакциниран со прилично висок процент, некаде 85%, а се чекаат и анализите со опфатот на вакцинација на вработените во училиштата и градинките.

“Тоа како три сегменти кои ни се многу битни за некои процеси да продолжат да се одвиваат нормално и во есенските месеци, градинките и училиштата, и свесни дека можеби и покрај тоа што се што правиме интересот нема да се зголеми, затоа размислуваме за некоја форма на рестрикција во смисла на тоа некои работи да…ние не можеме да воведеме и никаде во светот оваа вакцинација не е задолжителна, затоа мораме да размислуваме за некои алтернативни решенија, на пример да се присуствува на настани со масовно присуство, дали на затворено, дали на отворено, дали во кино, на културни настани, само со таков сертификат и тоа е нешто што можно е да го препорачаме од есенските месеци, сега во месец јули и во август, кога има многу патувања и фреквенција на луѓето да ставиме акцент на сите овие активности кои ги правиме за да го зголемиме опфатот“, рече Филипче.

Според министерот, капацитетите за вакцинација се така димензионирани да може да се вакцинираат помеѓу десет и петнаесет илјади граѓани, кога имаше дадено термини.

“И гледајќи дека нема повеќе интерес преку системот за закажување, затоа ги отворивме пунктовите да се вакцинираат сите кои ќе покажат интерес. Нашата проценка е дека до крајот на месец јули околу 500.000 илјади луѓе ќе бидат вакцинирани со една доза и приближно толку ревакцинирани“, рече Филипче.

Сепак, според него, тоа не е доволно бидејќи се јавуваат нови мутации – индискиот е еден од нив, кои се многу преносливи.

“Ние ги користиме сите механизми за интензивна кампања. И на терен здравствените домови со здравствените работници, објавите на местата каде ќе се врши теренската вакцинација. Буквално сите луѓе ако покажат интерес на лице место каде што ќе се затекнат“, рече Филипче.

Фото: Freepik