Финансиска писменост во Европа: Само четири земји можат да се пофалат со високи проценти

52

Само 18 отсто од граѓаните на ЕУ имаат висока финансиска писменост, која вклучува финансиско знаење и однесување, средна 64 отсто, а останатите 18 отсто ниска, покажаа резултатите од истражувањето на Евробарометар објавено во вторникот.

Европската комисија (ЕК) соопшти дека има големи разлики меѓу земјите членки. Само четири земји од ЕУ можат да се пофалат со повеќе од четвртина луѓе со високо ниво на финансиска писменост, а тоа се Словенија, Холандија, Шведска и Данска.

Резултатите од првото стандардно истражување на Евробарометар за финансиската писменост ја истакнуваат и потребата од финансиска едукација на групите кои во просек се помалку финансиски писмени во споредба со другите, а тоа се главно жени, млади луѓе, поединци со пониски примања и пониско ниво на образование.

Објавувајќи ги резултатите, европскиот комесар за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на пазари на капитал, Мерид Мекгинис, рече дека тие се предупредување до Комисијата и земјите-членки дека треба да се направи повеќе заедно за да се подобри нивото на финансиската писменост во ЕУ.
„Во интерес на сите е луѓето да стекнат доверба и вештини за донесување информирани одлуки за нивните пари. Ова има позитивен ефект врз личната и финансиската благосостојба на луѓето и нивната отпорност на шокови на приходите, овозможувајќи им на луѓето да ги разберат придобивките и ризиците од инвестирањето и ја зајакнува довербата на пазарите на капитал“, посочи комесарот.

Како што ја потсетија Комисијата, во акцискиот план за Унијата на пазарот на капитал од септември 2020 година, повторно е потврдено дека добрата финансиска писменост е во центарот на финансиската благосостојба на луѓето. Врз основа на ова, Комисијата и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) заеднички развија рамка за финансиска компетентност за возрасни во јануари минатата година.

Во мај оваа година, Комисијата усвои и инвестициска стратегија за малите инвеститори, чија цел е да ги охрабри овие инвеститори да донесуваат одлуки за инвестирање кои се усогласени со нивните потреби и преференци и да се осигура дека тие се третираат фер и соодветно заштитени.
„Ова ќе ја зголеми нивната доверба дека ќе можат безбедно да инвестираат во својата иднина и целосно да ги искористат предностите на Унијата на пазарот на капитал на ЕУ“, оцени Комисијата.

Фото: Pixabay