Финансиска помош за млади претприемачи за започнување бизнис

35

e018291b-3948-447b-a68c-77942b4280f8 (1)Младите луѓе на возраст од 18 до 30 години ќе можат да започнат свој бизнис и нивните бизнис идеи да ги преточат во бизнис планови.  Најдобрите од нив ќе добија вредни парични награди и нивните планови ќе бидат изнесени пред бизнис заедницата.

Министерот за економија Ваљон Сарачини на вчерашната прес конференција го потврди ова, а целта е да се поттикне соработка помеѓу деловниот свет и образовниот систем.

Тој потсети дека студентите ќе можат своите бизнис идеи да ги преточат во бизнис план, пријавувајќи се на јавниот повик објавен на 17 јуни, кој ќе трае до 15 август.

“Право на учество имаат студенти и млади претприемачи на возраст од 18 до 30 години. Десетте најдобри бизнис планови ќе бидат презентирани пред Комисијата за  евалуација и избор на најдобар бизнис план, а на најдобрите ќе им бидат доделени плакети, ваучери и парични награди и тоа за прва награда, Министерството ќе додели 330.000 денари, за втората награда 230.000 денари и за третата 140.000 денари”, рече Сарачини.

На прес конференцијата учествуваа Софија Цали од фондацијата Претприемачки сервис за млади (ПСМ) и тројца студенти кои ги презентираа своите бизнис идеи, со кои аплицираа на проектот.

“Фондација Претприемачки сервис за млади (ПСМ), со главна компонента бизнис инкубатор за поддршка на микро, мали и средни претпријатија од областа на информационо-комуникациските технологии, преку процесот на бизнис инкубација овозможува пристап до услуги наменети за забрзување на нивниот раст и развој”, потенцираше Софија Цали од ПСМ инкубаторот.

Фондацијата, како што рече, постои заради поттикнување на претприемништвото и зголемување на вработеноста кај младите, преку нивно оспособување да основаат сопствен бизнис. Фондацијата стои зад нив со поддршка преку многубројни активности и субвенции, со цел да помогне во локалниот развојот на моментално најпридонесувачкиот сектор на мали и средни претпријатија.

Од особено значење е дека грантови за најуспешните нема да има потреба да се враќаат.