Фински истражувачи прават храна од воздух и електрична енергија

32

baking-2589512_960_720

Фото: Pixabay

Тим научници од Технолошкиот универзитет во Финска создадоа храна од воздух, јавува Reuters. Тие користат електрична енергија и јаглерод диоксид од воздухот и на тој начин прават цела серија од едноклеточни протеини. Овие протеини потоа се преработуваат и се добива протеински прав којшто може да се користи како храна за луѓе или животни.

Главниот научник од тимот, Јуха Пека Питкаинен вели дека тие создаваат микроорганизми, а суровини потребни за тоа се електрична енергија и јаглерод диоксид.

“Со струјата ја делиме водата на водород и кислород, а водородот го користиме како извор на енергија за клетките, додека CO2 како извор на јаглерод. Потоа добиваме неоргански хранливи материи како амониум сулфат”, вели тој.

Моментално за производство на само еден грам од протеинскиот прав потребни се две недели. Машината што го овозможува целиот процес е голема колку еден кафемат и може да се користи на било кое место каде што има струја.

Сепак, тимот смета дека за да можат луѓето и животните да се хранат со протеин добиен на овој начин потребни се дополнителни истражувања и уште понапредна технологија.