Fireless претставува адитив – ретардер за вода за гасење и заштита од пожар на компанијата ВТ Продакшн. За развој на овој производ беа потребни 100.000 евра, од кои две третини се грант од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
“Ова е производ којшто може да најде примена и во Северна Македонија, но и во регионот и секаде во светот. Овој проект е дел од дваесетината проекти за заштита на животната средина, кои се со вкупна вредност од околу 200 милиони денари, дел од средствата се обезбедени од Фондот, а дел од самите компании. Очекуваме вакви видливи и конкретни резултати од сите компании, за да може граѓаните и општеството да ги почувствуваат резултатите од проектите“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.
Управителот на ВТ Продакшн, Влатко Тасевски изјави дека компанијата ќе донира од 10 до 15 илјади литри од адитивот на надлежните институции, кои се во вредност од шест до 10 илјади евра, за да се утврди неговата функционалност и примена во теренски услови. Тој дополни дека со средствата од Фондот се забрзала имплементацијата на проектот, којшто почнал да се развива во март 2019 година и само за шест месеци е влезен во пред – комерцијална фаза.